
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека некои земји во рамките на НАТО не ги исполнуваат своите обврски, при што ја посочи Шпанија како „губитник“, а изрази и разочарување од Велика Британија.
Во телефонско интервју за „Њујорк пост“, Трамп рече дека Шпанија е „многу непријателски настроена кон НАТО“ и дека не го плаќа својот дел од обврските.
„Имаме многу победници, но Шпанија е губитник. Тие не го плаќаат својот дел. Беа единствените што гласаа против обврската од пет проценти од БДП за одбрана. Тие не се тимски играч, а ние нема да бидеме тимски играч со Шпанија“, изјави Трамп.
Тој се осврна и на британскиот премиер Кир Стармер, откако беше прашан за извештај на британски „Телеграф“ дека во приватни разговори го нарекол „губитник“.
„Па, тој не е Винстон Черчил, да го кажеме така“, рече Трамп, повторувајќи ја споредбата што ја направи претходно оваа недела.
Американскиот претседател изјави дека е разочаран од првичната одлука на британската влада да не дозволи британските воени бази да се користат во американско-израелската кампања за бомбардирање против Иран.
„Беше многу разочарувачки неговиот настап кога станува збор за нашиот масовен напад врз непријателска земја. Требаше да ни обезбеди бази што можеме да ги користиме без прашање или двоумење“, рече Трамп.
Тој додаде дека бил изненаден од одбивањето на Стармер да соработува со Пентагон, со оглед на долгогодишното сојузништво меѓу САД и Велика Британија.
„Треба да можеме да сметаме на нив. Бев многу изненаден од Кир. Многу разочаран“, заклучи Трамп.























