Американскиот претседател Доналд Трамп, на средбата со украинскиот лидер Володимир Зеленски во Вашингтон, соопштил дека САД засега нема да испорачаат далекуметни крстосувачки ракети „Томахавк“ на Украина. Според изворите на „Аксис“, состанокот бил напнат и тежок, а Трамп бил „исклучително тврд“ во ставовите.
Трамп нагласил дека приоритет му е дипломатијата и дека испораката на вакво оружје би можела да ја загрози можноста за мировен процес. Тој му пренел на Зеленски детали од разговорот со Владимир Путин, посочувајќи дека американскиот предлог за мир подразбира замрзнување на сегашните линии на фронтот, што Киев тешко може да го прифати.
По средбата, Трамп на својата мрежа Truth Social напиша дека разговорот бил „интересен и срдачен“, додавајќи:
„Нека двете страни прогласат победа, а историјата нека одлучи.“
Зеленски, пак, веднаш по средбата одржал видео-конференција со европските лидери, кои биле загрижени поради промената на американската позиција. Потоа следеле координирани изјави на поддршка за Украина од Европа.
На брифингот Зеленски потврди дека разговарале за „Томахавките“, но додаде дека се договориле тоа да не се коментира јавно „за да се избегне ескалација“. Тој призна дека Трамп не дал никакви гаранции за ново оружје, иако Украина инсистирала на тоа.
Според изворите, Трамп планира средба со Путин во Будимпешта во наредните недели, со цел да го поттикне мировниот процес.