УТРО.мк

Трамп планира забрана за патувања од 36 земји – причина и антисемитизмот

Трамп планира забрана за патувања од 36 земји – причина и антисемитизмот
Vero

Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп разгледува значајно проширување на забраната за патувања, која би можела да опфати дополнителни 36 земји, според доверлив документ на Стејт департментот. Според „Вашингтон пост“, меморандумот потпишан од државниот секретар Марко Рубио во саботата предвидува рок од 60 дена во кој земјите треба да исполнат одредени американски стандарди или ќе се соочат со делумни или целосни визни забрани.

На листата се наоѓаат 25 африкански земји, меѓу кои и сојузници на САД како Египет, Етиопија и Џибути, како и држави од Средна Азија, Карибите и Пацификот. Споменати се и Сирија, Камбоџа, Киргистан и Вануату.

Во меморандумот се наведува дека причините за евентуалните санкции вклучуваат издавање на ненадежни документи за идентификација, злоупотреби во матичната евиденција, висок број прекорачувања на престојот и „антисемитско и антиимериканско дејствување на територијата на САД“. Дополнително, се посочува дека некои од државите овозможуваат добивање државјанство преку инвестиции без барање за постојан престој.

Доколку земјите до среда не достават акциски план и не се согласат на прифаќање на депортирани странски државјани или потпишување на договор за „сигурна трета земја“, ризикуваат визна забрана.

Овој потег следи по прокламацијата од 4 јуни со која веќе беше забрането патување од 13 држави, а делумно од уште седум. Најавената мерка претставува драматична ескалација на американската миграциска политика.

Стејт департментот одби да ги коментира внатрешните консултации, а Белата куќа сè уште не се огласила. Демократите и организациите за човекови права веднаш ја осудија иницијативата, нарекувајќи ја дискриминаторска, особено поради големиот број африкански и карипски земји на листата.

Иако претходниот претседател Џо Бајден ги укина сличните забрани, Трамп веќе најави нивно враќање – „поголеми од кога било“.

ELS
Green Machines

Сподели го овој напис

Филигран