Заменик-претседателот на Советот за безбедност на Русија, Дмитриј Медведев, оцени дека самитот на Владимир Путин и Доналд Трамп на Алјаска покажал можност за продолжување на дијалогот меѓу Москва и Вашингтон без предуслови и дополнително заострување на односите.
Во објава на Телеграм, Медведев посочи дека Трамп за време на речиси тричасовните разговори одбил да го зголеми притисокот врз Русија поради конфликтот во Украина, „барем засега“. Тој истакна дека се врати „полноправен механизам за средби на највисоко ниво, мирно, без ултиматуми и закани“.
Медведев додаде дека Путин ги изложил условите на Русија за завршување на конфликтот, а самитот потврдил дека преговорите можат да се водат и без претходни барања, дури и со продолжување на „Специјалната воена операција“. Според него, двете страни ја префрлиле одговорноста за напредокот во мирните преговори врз Украина и Европа.