Премиерот на Албанија, Еди Рама, изјави дека државата ќе ги обнови бесплатно домовите на сите кои ги загубиле своите куќи во пожарите. Тој додаде дека и земјоделците кои го загубиле својот добиток ќе добијат финансиска поддршка.
„Кој и да го изгубил својот дом, ќе го обновиме бесплатно, кој и да изгубил добиток, ќе го рефинансираме еден по еден“, напиша Рама на социјалните мрежи.
Проценката и обештетувањето на штетите ќе се спроведуваат во секоја засегната општина преку посебна постапка. Групата за проценка, формирана со наредба на градоначалникот, ќе изврши попис на штетите врз домувањето, инфраструктурата, бизнисите, земјоделските култури, механичката опрема и социо-културните објекти, и ќе пополни финансиски обрасци. Општините потоа ќе подготват списоци на оштетени субјекти и документација, а трошоците за обештетување ќе се покријат преку фондот за цивилна заштита, соопшти министерот за одбрана Пиро Венгу.