
Американскиот претседател Доналд Трамп во објава на социјалните мрежи повторно упати остри пораки до сојузниците во НАТО, тврдејќи дека Алијансата била финансиски и безбедносно слаба сè додека тој не се вклучил директно.
Трамп наведе дека земјите членки не ги исполнувале обврските за одвојување средства за одбрана и дека САД „глупаво плаќале за сите“, сè додека тој, како што пишува, не ги натерал да издвојуваат и до 5 проценти од БДП. Според него, без неговото учество, Русија „во моментов би ја имала цела Украина“.
Во објавата тој тврди дека „самостојно ставил крај на осум војни“, дека спасил милиони животи и дека Русија и Кина немаат страв од НАТО без САД. Трамп изрази и незадоволство што, како што наведува, Норвешка не му доделила Нобелова награда за мир.
Тој истакна дека САД секогаш ќе стојат зад НАТО, но изрази сомнеж дека Алијансата би возвратила со иста поддршка доколку Америка има потреба. На крајот, Трамп порача дека единствената држава од која Русија и Кина имаат страв и почит се Соединетите Американски Држави, повикувајќи на „обнова на Америка“.



























