
Американскиот претседател Доналд Трамп соопшти дека денеска ќе започнат нови преговори со Иран, истакнувајќи дека ги одложил планираните воени напади бидејќи, според него, постои реална можност за дипломатско решение.
Трамп не откри каде ќе се одржат разговорите ниту кои претставници ќе учествуваат во нив, но посочи дека одлуката за одложување на нападите била донесена по барање на Иран и на американските партнери на Блискиот Исток.
Тој наведе дека саудискиот престолонаследник Мохамед бин Салман, како и лидерите на Обединетите Арапски Емирати и Катар, побарале од Вашингтон да не презема воена акција за време на викендот, со цел да им се даде шанса на дипломатските напори.
„Сè беше подготвено. Побараа одложување затоа што веруваат дека договор е можен. Постои согласност околу Хормуз, а ќе има и за нуклеарната програма. Не сакам да убивам луѓе“, изјави Трамп.
Засега нема официјална реакција од Техеран на изјавите на американскиот претседател.
По неговата најава, цените на нафтата забележаа значителен пад на азиските пазари. Суровата нафта „брент“ поевтини за 4,5 проценти, додека американската сурова нафта падна за 4,6 проценти, што аналитичарите го поврзуваат со намалените стравувања од евентуална ескалација на конфликтот на Блискиот Исток.

















