УТРО.мк

Илинденското востание во Костурско – Борбата што траела речиси три месеци

Илинденското востание во Костурско – Борбата што траела речиси три месеци
Vero

Илинденското востание во Костурско останува запаметено како едно од најмасовните и најдолготрајните жаришта на борбата за слободна Македонија. Иако костурските востаници најдоцна ја добиле веста за почетокот на востанието, токму тие го дале еден од најголемите придонеси во Илинденската епопеја.

Прогласот на Главниот штаб, со кој 2 август – Илинден бил определен за ден на востанието, до костурските чети пристигнал дури на самиот празник, над селото Дреновени. Веста била пречекана со силно „Ура“, по што војводата Васил Чакаларов ги повикал востаниците да се вклучат во борбата. Набргу бил испратен повик до сите способни да носат оружје да им се приклучат на востаничките редови во борбата за слободна и автономна Македонија.

За разлика од повеќето востанички реони, каде борбите траеле неколку дена или најмногу две недели, во Костурско востанието продолжило речиси три месеци. Воените дејства биле прекинати дури на 14 октомври, по наредба на Главниот востанички штаб.

Во текот на востанието биле водени 17 поголеми битки, во кои учествувале околу 4.170 востаници против повеќе од 30.000 османлиски војници. Во судирите загинале и биле ранети 83 востаници, додека османлиските сили претрпеле над 500 загинати и ранети.

Последиците за цивилното население биле тешки. Во одмаздничките акции биле запалени околу 2.750 куќи, без покрив над главата останале повеќе од 15.600 жители, а животот го загубиле 413 цивили.

Историчарите посочуваат дека Костурско го дало најголемиот број жртви и едно од најсилните востанички движења во Илинденското востание. Затоа, покрај настаните во Крушево, значајно место во колективната меморија заслужуваат и борбите во Костурско, како симбол на истрајноста и жртвата во македонската борба за слобода.

На фотографијата е прикажана зборната чета на војводите Васил Чакаларов, Иван Попов, Пандо Кљашев, Никола Андреев и Манол Розов по заземањето на Клисура.

Green Machines

Сподели го овој напис

Филигран
MegaWin
MegaWin