
Македонските православни верници во Австралија со молитва, богослужби и свечени програми го одбележаа големиот празник Илинден во сите црковни општини на Австралиско-сиднејската епархија.
Во храмовите беа отслужени свети литургии, при што беше прочитано Илинденското послание на Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан. Во својата порака, архиепископот истакна дека трите Илиндени – 1903, 1944 и 1991 година – претставуваат симбол на историскиот континуитет на Македонија и на стремежот на македонскиот народ кон слобода и државност, нагласувајќи дека слободата е вредност што постојано треба да се чува и брани.
По богослужбите, во црковните општини беа организирани духовни, културни и забавни манифестации, на кои присуствуваа голем број верници.
Од Австралиско-сиднејската епархија истакнуваат дека овие свечености уште еднаш ја потврдиле улогата на македонските православни цркви во Австралија како чувари на православната вера, македонскиот јазик, културата, идентитетот и илинденската традиција.

















