Израел „можеби ја добива војната“ во Газа, но губи „во светот на односите со јавноста“, изјави американскиот претседател Доналд Трамп во интервју за конзервативното издание „Дејли Колер“, пренесуваат британските медиуми.
Како долгогодишен сојузник на Израел, Трамп ја призна промената во јавното мислење по истражувањето на центарот Пју, кое покажа пад на поддршката за Израел кај помлади републиканци. Тој нагласи дека Израел некогаш имал „најсилно лоби во Конгресот“, но денес тоа значително ослабнало.
„Ќе мора да ја завршат војната. Тоа му штети на Израел. Можеби ја добиваат, но не го добиваат светот во односите со јавноста“, рече Трамп, додавајќи дека денес политичари отворено го критикуваат Израел, нешто што порано било незамисливо.
Со осврт на „AOC плус три“, Трамп ги спомена демократските конгресменки Александра Окасио-Кортез, Илхан Омар, Ајана Пресли и Рашида Тлаиб. Сепак, и дел од републиканците се приклучија кон критиките – Марџори Тејлор Грин го обвини Израел за „геноцид“, а Стив Бенон изјави дека Тел Авив не е сигурен сојузник на Вашингтон.
Во меѓувреме, Меѓународното здружение на експерти за геноцид усвои резолуција според која израелските дејствија во Газа ги исполнуваат критериумите за геноцид од Конвенцијата на ОН од 1948 година. Резолуцијата ја поддржаа 86 проценти од 500 членови.