Најмалку 13 лица загинаа, а 28 се повредени во голем пожар што го зафати станбениот комплекс во приградскиот округ Таи По во Хонг Конг, пренесуваат локалните власти. Станува збор за зона составена од осум згради со околу 2.000 станбени единици.
Меѓу загинатите е и еден пожарникар, потврди противпожарната служба која соопшти дека на терен се ангажирани над 700 пожарникари. Пожарот избувнал попладне по локално време и брзо бил класифициран со највисокото ниво на опасност – ниво пет.
Полицијата информираше дека добила голем број пријави од граѓани кои останале заробени во најмалку пет различни згради зафатени од пламените јазици.
Огнот се проширил и на бамбусовите скелиња поставени околу објектите, што дополнително ја отежнало интервенцијата. Пожарникарите се обидувале да го локализираат пожарот користејќи скали и вода под висок притисок.
Таи По се наоѓа во северниот дел на Хонг Конг, во близина на границата со Шенжен. Традиционалните бамбусови скелиња, кои долго време се користат во градежништвото, властите најавија дека постепено ќе бидат исфрлени од јавните проекти поради безбедносни ризици.























