Унгарскиот министер за надворешни работи, Петер Сијарто, изјави дека Брисел и Киев треба без двоумење да го поддржат американскиот мировен план за Украина, нагласувајќи дека ситуацијата на теренот и во Европа се влошува со секој изминат ден.
„Безусловната и целосна поддршка за американскиот мировен план е единствено прифатливо однесување за сите европски политичари“, истакна Сијарто, предупредувајќи дека секој обид за одложување или избегнување на ова решение само ќе ја продлабочи кризата и ќе создаде поголема неизвесност.
Министерот оцени дека влошувањето е видливо на повеќе нивоа – од растечкиот ризик од ескалација и загрозената европска безбедност, до економските последици, хуманитарната криза и сè потешката положба на Украина во однос на зачувувањето на територијалниот интегритет.
Сијарто ги критикуваше европските лидери, посочувајќи дека многумина се повеќе насочени кон „саботирање“ на американскиот план отколку кон брзо постигнување мир. Тој предупреди дека одложувањето може да има сериозни последици за ЕУ, додека за Киев прифаќањето на мировниот план може да остане единствена опција за избегнување уште потежок исход.























