УТРО.мк

Шпанската полиција откри мрежа на мигранти кои намерно ги напуштаат своите деца за да добијат државна заштита

Шпанската полиција откри мрежа на мигранти кои намерно ги напуштаат своите деца за да добијат државна заштита
Vero

Шпанската полиција уапси 30 лица осомничени дека учествувале во шема преку која мигранти намерно ги напуштале своите деца за да ги ставaт под државна грижа, со цел подоцна да се обединат со нив преку имиграциски процедури.

Според извештајот на Телеграф, родителите ги оставале децата пред полициски станици и домови за згрижување во покраината Тарагона, на источниот брег на Шпанија, пред сами да се вратат во своите матични земји. На тој начин, нивните деца добивале статус на бегалци и пристап до државна грижа.

Полицијата соопшти дека открила „софистицирана“ мрежа која ја злоупотребувала социјалната заштита. Вкупната вредност на измамата со државни средства се проценува на околу 1,5 милиони евра.

Истражителите утврдиле дека семејствата пристигнувале во Шпанија со туристички визи и потоа намерно ги оставаа своите малолетни деца, на кои им било наложено да се претстават како запоставени. На тој начин, државата ги преземала трошоците за нивно сместување, образование и здравствена грижа.

„Главната цел била да се искористат ресурсите за малолетници без придружба и да се овозможи подоцнежен пат кон добивање дозволи за престој преку семејно обединување“, изјави портпаролот на полицијата во Каталонија.

Само грижата за едно напуштено дете чини од 31 до 140 евра дневно, што, според властите, сериозно го оптоварува државниот систем за заштита на деца.

Слични случаи се забележани и на Балеарските Острови, каде што родители од Африка пристигнувале со авион и ги оставаа своите деца да побараат азил. Локалните власти предупредуваат дека овој тренд може да прерасне во поширок феномен.

Министерката за социјална помош на Менорка, Кармен Рејнс, посочи дека неодамна две деца од Мароко и Сенегал биле напуштени на автобуска станица додека нивните родители летале назад во своите земји.

Десничарската Народна партија побара темелна ревизија на системот за згрижување на малолетници без придружба во Каталонија, предупредувајќи дека се отвора простор за злоупотреби и нелегална имиграција.

Во меѓувреме, властите во Балеарите, кои се соочуваат со рекордни пристигнувања на мигранти од Алжир, веќе гласаа за ограничување на бенефициите за барателите на азил, со цел да се намали притисокот врз локалните служби.

Само во првите девет месеци од годинава, бројот на недокументирани мигранти кои пристигнале на Балеарските Острови се зголемил за 84 проценти во однос на истиот период во 2024 година.

Dijamant Lotarija
Loto & Dzoker
Green Machines

Сподели го овој напис

Kalinka Lotarija
Dome Sladok Dome
Филигран