Израелското воено воздухопловство (IAF) соопшти дека завршило големо воздушно нападно дејствие насочено кон системите за противвоздушна одбрана на Иран. Според прес-службата на Израелските одбранбени сили (IDF), операцијата е изведена под водство на военото разузнавање и била насочена кон стратешки цели во западниот дел на земјата.
„Во последните неколку часа, борбените авиони на воздухопловството, под прецизно разузнавачко раководство, реализираа опсежен напад врз системот за воздушна одбрана на иранскиот режим во западен Иран“, стои во соопштението објавено на официјалниот канал на IDF на „Телеграм“.
При нападот биле уништени десетици радари и лансери на ракети тип земја-воздух.
„Во текот на конфликтот, Израелските одбранбени сили систематски ги таргетираа противвоздушните системи на иранскиот режим и неговите сојузници низ Блискиот Исток. Овие напади значително ја прошируваат оперативната слобода на Израелското воено воздухопловство“, соопшти израелската армија.
Официјално, на 13 јуни беше објавен почетокот на воената операција под кодно име „Ам Келави“ („Народ како лав“), чија главна цел е поткопување на иранскиот нуклеарен и ракетен потенцијал.
Во рамките на операцијата, израелските сили извршија напади врз повеќе цели во различни ирански градови, вклучувајќи ги Техеран и Натанз. Мета на ударите биле воени бази, системи за воздушна одбрана, но и станбени комплекси.
Меѓу нападнатите локации се најде и седиштето на елитниот Корпус на исламската револуционерна гарда (IRGC) во главниот град Техеран.