Ангела Меркел повика на единство во Европа
Поранешната германска канцеларка Ангела Меркел повика на единство во Европската унија во време на војни, кризи и протекционистички политики на САД.
На симпозиумот на Фондацијата Конрад-Аденауер во Берлин, Меркел истакна дека Европа се соочува со геополитички предизвици од Русија, Кина и различните интереси на САД, што ја доведува во прашање моќта на поединечните држави членки. „Сите сме сами на отворено поле“, рече таа, додавајќи дека токму затоа Европа е поважна одошто се мисли.
Во контекст на дебатите за реформа на ЕУ, Меркел предупреди дека политичките лидери мора да одржуваат „фина рамнотежа помеѓу премногу и премалку регулации“ и дека Лисабонскиот договор бара повикување на Европска конвенција за големи промени. „Мораме да бидеме внимателни како ЕУ да не ја направиме неспособна за дејствување“, порача таа.