УТРО.мк

САД со нов бран санкции против Иран и Хезболах: Цел е финансиската мрежа на Револуционерната гарда

САД со нов бран санкции против Иран и Хезболах: Цел е финансиската мрежа на Револуционерната гарда
Vero

САД воведе нов пакет економски санкции насочени кон Иран и либанската група Хезболах, во обид да ги поткопа финансиските канали кои, според американските власти, овозможуваат спроведување на „дестабилизирачки активности“ на Блискиот Исток.

Американското Министерство за финансии соопшти дека неговиот Уред за контрола на странски средства (OFAC) ги таргетирал мрежите што колективно тргувале со иранска нафта во вредност од неколку милијарди долари. Од тие трансакции, директна корист имале силите Кудс на Иранската револуционерна гарда (IRGC-QF), кои Вашингтон ги смета за терористичка организација.

Санкциите се прошируваат и на бродови кои учествувале во транспортот на нафтата, како и на неколку високи функционери и една правна институција поврзана со Хезболах. Според американските власти, тие активниo помагале во избегнување на претходно воведени санкции.

Министерот за финансии Скот Бесент изјави дека САД ќе продолжат со притисокот врз Техеран: „Ќе продолжиме да ги таргетираме изворите на приходи на Иран и ќе го зголемиме економскиот притисок за да го ограничиме неговиот пристап до финансии кои ја поттикнуваат неговата деструктивна политика.“

Дополнително, санкциите имаат и поширока цел – поддршка на новата влада во Либан и обид да се намали влијанието на Хезболах во земјата. Американските власти предупредија дека финансиските институции под контрола на групата го поткопуваат веќе ранливото либанско стопанство.

Овој потег претставува уште една епизода во долготрајниот економски и геополитички притисок на САД врз иранските сојузници во регионот.

Green Machines

Сподели го овој напис

Филигран