УТРО.мк

Огромен пожар кај Варшава: 500 луѓе останаа без покрив над глава, уништени над 200 станови

Огромен пожар кај Варшава: 500 луѓе останаа без покрив над глава, уништени над 200 станови
Vero

Варшава, 4 јули — Околу 500 луѓе останаа без покрив над глава во голем пожар што синоќа зафати нова станбена зграда во местото Зомбки, во близина на полската престолнина. Иако пожарот нанесе огромна материјална штета и целосно уништи над 200 станови, среќна околност е што нема човечки жртви, ниту потешко повредени лица.

Пожарот избувнал околу 19 часот на покривот на една од зградите во блокот и брзо се проширил. „Изгоре целиот покрив, а пожарот ги зафати сите станови на четвртиот кат. И на пониските катови има значителни оштетувања од чад и вода при интервенцијата. Евакуирани се околу 500 лица, а штета има во 220 станови“, изјави командантот на Државната противпожарна служба, Војчех Кручик, на утринската прес-конференција.

Во акцијата за гаснење на пожарот учествувале 60 тимови со над 250 пожарникари, кои успеале да го локализираат до полноќ. Утрово биле проверени сите станови, а според првичните информации, во внатрешноста не е пронајдено ниту едно лице. Тројца жители се здобиле со полесни повреди, а еден пожарникар има истегнување на зглобот.

Причините под истрага, властите апелираат за воздржаност

Полицијата и обвинителството веќе ја отворија истрагата за причините за пожарот. Портпаролот на Министерството за внатрешни работи, Јацек Добжински, ги повика граѓаните да се воздржат од шпекулации, теории на заговор и ширење на дезинформации на социјалните мрежи, кои, според него, веќе циркулираат.

Иако Полска во изминатата година и половина се соочува со зголемен број пожари – особено на индустриски објекти, дел од кои, според властите, се подметнати, а трагите водат до руски служби како дел од хибридно војување – експертите сметаат дека во овој конкретен случај е малку веројатно дека станува збор за намерен напад.

„Истрагата може да трае и до три недели“, изјави поранешниот главен командант на полската противпожарна служба, Павел Фрончак. Според првичните оценки, пожарот се проширил толку брзо поради екстремните температури и сувото време, како и поради дрвените делови во покривната конструкција, пренесуваат полските медиуми.

Жителите засега без дом, првична финансиска помош од државата

Трите поврзани згради, споени во еден голем станбен комплекс, моментално се небезбедни за живеење. Според гувернерот на Мазовјецкиот регион, Мариуш Франковски, најпрво мора да се направи стручна проценка за состојбата со статиката и обемот на оштетувањата, пред жителите да можат да се вратат во своите домови.

Во меѓувреме, евакуираните лица се сместени во локално училиште, а властите најавија итна помош во износ од 1.900 евра по семејство. По целосната проценка на штетата, жителите ќе добијат дополнителна поддршка од државата.

Полските власти уверуваат дека ќе се вложат сите напори за брза санација на последиците и за социјална грижа за погодените семејства.

Green Machines

Сподели го овој напис

Филигран