
Поранешниот советник на Пентагон, Даглас Мекгрегор, и поранешниот аналитичар на ЦИА, Рејмонд МекГоверн, предупредија дека активностите кои, според нив, се спроведуваат во близина на руските граници би можеле да предизвикаат сериозна ескалација и директен одговор од Москва.
Во разговор со професорот Глен Дизен, Мекгрегор изјави дека Русија не им се заканува на европските земји, но дека ситуацијата станува сè поопасна поради, како што рече, нападите што се изведуваат преку територии на европски држави.
„Нападите врз Русија се спроведуваат преку балтичките држави или преку Романија, преку Црното Море. Ова е многу опасно“, изјави Мекгрегор, додавајќи дека Европа се приближува до „црвена линија“ по која рускиот одговор би можел да стане неизбежен.
Тој упати критики и кон високата претставничка на Европската Унија за надворешна политика и безбедност, Каја Калас, оценувајќи дека нејзините ставови дополнително ги влошуваат односите со Москва.
Во истиот разговор, Рејмонд МекГоверн се осврна на тврдењата на руската служба за надворешно разузнавање дека украинската команда подготвува напади врз Русија од територијата на Латвија.
Според него, доколку ваквите информации се покажат како точни, тоа би значело сериозен безбедносен ризик за целиот регион.
„Членството во НАТО нема автоматски да ги заштити од последиците ако нивната територија се користи за напади врз Русија“, рече МекГоверн, додавајќи дека Москва лесно може да утврди од каде се лансирани беспилотни летала или ракети.
Тој предупреди дека балтичкиот регион и Црното Море сè повеќе стануваат потенцијални жаришта за директен судир меѓу Русија и западните сојузници.
Во меѓувреме, латвиските власти ги отфрлија руските тврдења, истакнувајќи дека нема да дозволат нивниот воздушен простор да се користи за напади врз Русија.















