
Во сенката на ескалацијата што веќе четврта недела трае на Блискиот Исток, Вашингтон забрзано ги активира своите најподготвени сили, испраќајќи јасен сигнал дека трпението се троши, а опциите стануваат поостри. Американскиот претседател Доналд Трамп, во потрага по брз излез од конфликтот со Иран, се соочува со една клучна цел: деблокада на Ормутскиот теснец и враќање на нормалниот тек на глобалниот нафтен пазар.
Во фокусот на стратешките размислувања се најде и еден дрзок, но ризичен потег, преземање контрола врз островот Харг, срцето на иранскиот извоз на нафта. Според информации од американски извори, ова сценарио се разгледува како директен економски удар што би го принудил Техеран да попушти и да ги отвори морските коридори.
Во меѓувреме, потег што дополнително ги засили шпекулациите за можна интервенција е ненадејното откажување на воените вежби на 82-та воздушно-десантна дивизија. Оваа елитна формација, позната по својата способност за брзи и агресивни „присилни влезови“, е дизајнирана токму за сценарија како заземање на стратешки точки зад непријателските линии.
Нивната сила не лежи само во обуката, туку и во брзината и автономијата: за помалку од едно деноноќие можат да бидат распоредени каде било во светот, со способност да изведуваат операции без зависност од клучни тесни премини како Ормуз. Историјата покажува дека токму оваа дивизија често била првиот удар во најголемите американски воени кампањи, од Персискиот Залив до Ирак и Авганистан.
Но, зад оваа демонстрација на моќ стои и сериозна доза неизвесност. Воените аналитичари предупредуваат дека ваков потег би бил исклучително ризичен. Падобранските единици, иако високо обучени, се релативно лесно вооружени и особено ранливи во првите моменти од десантот, особено ако се соочат со ирански оклоп и добро подготвена одбрана.























