
Австралија од утре воведува привремена забрана за влез на државјаните на Иран кои патуваат со туристички визи, објави во средата министерот за внатрешни работи. Како што истакна, постои зголемена загриженост дека дел од привремените посетители од Иран би можеле да останат во земјата и по истекот на дозволата за престој.
Новата мерка, која ќе важи шест месеци, стапува на сила в четврток и ќе ги ограничува влезовите на туристи од Иран. Исклучок ќе има за лица кои имаат долгорочни визи, како и за оние што веќе имаат блиски членови од семејството, деца или брачни партнери, што живеат во Австралија.
„Ова е одлучна акција во интерес на нашата држава, особено во време на брзи глобални промени“, изјави министерот Берк, објаснувајќи ја логиката зад новата политика.
Според податоците што ги изнесе, околу 7.000 Иранци во моментов се наоѓаат во „туристичка“ категорија со важечки визи за Австралија.
Оваа одлука доаѓа во услови на зголемено внимание кон имиграциските прашања по неодамнешниот случај во кој седум членови на женската фудбалска репрезентација на Иран побараа политички азил во Австралија. Пет од нив подоцна го повлекоа своето барање за заштита, но тој инцидент, според експертите, ја забрза реакцијата на властите.























