Русија ноќеска спроведе масирани ракетни и дрон-напади врз Украина, при што беше погоден железнички јазол во близина на Киев, информира украинската државна компанија „Укрзализница“.
Според соопштението, цел на нападот била железничката инфраструктура:
„Разурнати се станицата Фастив и возен парк на приградските линии. Нема загинати, но сообраќајот е значително нарушен“, наведуваат од компанијата.
Службата за итни ситуации потврди пожар и големи оштетувања на станица и депо во регионот на Киев, а штета е пријавена и во Черниговската област.
Истовремено, во последните недели Русија ги засили нападите врз украинскиот енергетски систем. Министерството за енергетика соопшти дека инфраструктурата е погодена во осум области, што предизвика сериозни прекини во снабдувањето со електрична енергија.
Во Одеската област најмалку 9.500 корисници останале без греење, а околу 34.000 без вода. Екипите работат на итни поправки „каде што безбедносните услови го дозволуваат“.



























