Меѓународниот Аеродром Сараево од утрово се соочува со целосен управувачки застој, откако Врховниот суд на Федерацијата БиХ му забрани на в.д. директорот Санин Рамезиќ да ја извршува функцијата, а на извршните директори им истекоа мандатите на полноќ, пренесува Истрага.
Ситуацијата дополнително се усложни бидејќи тројца од петте членови на Надзорниот одбор добија забрана за вршење должност, што значи дека ова тело нема кворум и не може да свика седница ниту да назначи ново в.д. раководство.
Вчера, по предлог на специјалниот истражен тим ПОСКОК, Судот изрече забрани за Рамезиќ и членовите на Надзорниот одбор Бенјамин Мешак, Аднан Махмутовиќ и Жан Матиќ. Истовремено, Владата на ФБиХ донесе одлука со која даде претходна согласност за продолжување на мандатите на Рамезиќ и извршните директори Амадео Мандиќ и Слободан Кадијевиќ.
Но, забраната за Рамезиќ веднаш ја блокираше можноста тој повторно да биде именуван, а без кворум, Надзорниот одбор не може ниту формално да донесе одлука за продолжување на мандатите.
Според истрагата на ПОСКОК, постои основано сомнение дека Рамезиќ и тројца членови на Надзорниот одбор ја злоупотребиле службената положба за да извршат измени во Статутот на претпријатието со цел да му овоможат на Рамезиќ да стане постојан директор.
Комбинацијата од судски мерки, административни забрани и истечени мандати го оставија Аеродромот Сараево без легитимно раководство, со неизвесност како и кога ќе биде надмината институционалната блокада.



























