
Москва тврди дека украинските сили однапред планирале напад со дронови врз цивилна зона во Херсонската област, по синоќешниот удар врз кафуле и хотел во градот Хорли, каде што млади лица ја славеле Новата година. Според руските власти, во нападот загинале најмалку 24 лица, а повеќе од 50 се повредени и хоспитализирани.
Руското Министерство за надворешни работи соопшти дека дроновите намерно го погодиле местото каде што се собирале цивили за време на празничната прослава, оценувајќи го нападот како терористички чин. Во соопштението се наведува дека меѓу повредените има шест малолетници, а едно дете го загубило животот.
По инцидентот, заменик-претседателот на Советот за безбедност на Русија, Дмитриј Медведев, изјави дека ќе следи жесток одговор од руската армија, најавувајќи немилосрдна одмазда за, како што рече, нападите врз цивилното население.
Гувернерот на Херсонската област, Владимир Салдо, информира дека 2 и 3 јануари се прогласени за денови на жалост, додека Рускиот истражен комитет соопшти дека е покрената кривична истрага за терористички напад.



























