Украина преживеа една од најинтензивните ноќни офанзиви оваа година – руските сили лансираа 176 дронови и една ракета „Искандер“, со сериозни последици врз цивилната инфраструктура и енергетската мрежа.
Според украинските воздушни сили, 139 дронови биле соборени или неутрализирани, но останатите 37 погодиле 14 локации, предизвикувајќи разурнувања на домови и клучна инфраструктура. Најтешко беше погодена североисточната област Суми, каде што беше повредена 86-годишна жена, а сирените за воздушна опасност траеле речиси целиот ден.
Во јужна Одеса, нападот ја погодил енергетската инфраструктура – соларна електрана беше оштетена, со десетици уништени панели, што дополнително ја нарушува стабилноста на снабдувањето со струја.
Од почетокот на инвазијата во февруари 2022 година, Русија систематски ја таргетира украинската цивилна инфраструктура, особено енергетските капацитети, предизвикувајќи чести прекини на струја, нарушено водоснабдување и греење. Украина возвраќа со прецизни удари врз руската енергетска индустрија, но разурнувањата предизвикани од Москва остануваат многу поголеми и влијаат на секојдневниот живот на цивилите.























