На вчерашната седница на Советот на Град Скопје беше усвоен ребалансот на буџетот за 2025 година, чекор што, според советниците од ВЛЕН, претставува клучна основа за поефикасно управување со јавните средства и подобрување на услугите за граѓаните.
Ребалансот овозможува посистематски пристап во распределбата на градските финансии, при што средствата ќе се насочуваат кон приоритетните области – квалитетни јавни услуги, современа инфраструктура и одржување на градот.
Советниците од ВЛЕН дадоа силна поддршка на процесот, истакнувајќи дека ваквиот пристап е неопходен за стабилизирање на финансиската состојба на Скопје.
Со усвоениот ребаланс се отвора простор за зајакнување на развојните програми за периодот 2025–2027, технолошка модернизација и дигитални услуги, зимско одржување на инфраструктурата, подобрување на јавната чистота и зеленилото, поддршка на јавните претпријатија, како и унапредување на социјалните, еколошките, културните и образовните политики.
Од ВЛЕН упатија благодарност до сите советници што дадоа поддршка, нагласувајќи дека ова претставува значаен чекор кон пофункционален, почист и поефикасен главен град.
Движењето останува посветено на одговорно и транспарентно работење со јасен фокус на потребите на граѓаните.























