Руската амбасада во Вашингтон соопшти дека, по повод 92 години од воспоставувањето дипломатски односи меѓу Москва и Вашингтон, во денешните геополитички услови се отвора „нова шанса“ за стабилизација и подобрување на односите меѓу двете сили.
Во изјавата, пренесена од РИА Новости, амбасадата наведува дека во „мултиполарен свет“ и во момент кога администрацијата на Доналд Трамп се откажува од „либерално-глобалистичкиот модел“, се создава можност за нормализација на односите базирана на еднаквост, почитување на интересите и неконфронтациска коегзистенција.
Амбасадата потсети дека воспоставувањето односи во 1933 година било историски пресврт, донесен по долг период американско одбивање да ја признае Советска Русија. Руската страна нагласи дека политичката храброст на претседателот Рузвелт и интересите на американските компании во време на Големата депресија придонеле за промената.
Москва порачува дека „принципите од 1933 година важат и денес“ и дека меѓусебното почитување е клучно за подобри односи во сегашните сложени меѓународни околности.























