Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека планот на американскиот претседател Доналд Трамп за Украина може да послужи како основа за мирно решение, но предупреди дека Русија ќе заземе нови територии доколку Киев одбие преговори.
„Подготвени сме за мирни разговори, но потребна е детална дискусија за планот“, рече Путин, додавајќи дека САД побарале од Русија одредени компромиси.
Тој ја обвини Украина и европските сојузници дека „се занесуваат со соништата за стратешки пораз на Русија“ и предупреди дека случувањата како во Купјанск може да се повторат и на други делови од фронтот.
Планот на Трамп предвидува територијални отстапки и намалување на украинската војска, но и безбедносни гаранции за Украина. Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека нема да ја предаде земјата и ќе понуди свои решенија. Планот го одбиваат и лидерите на Европската Унија, бидејќи предвидува Русија да ги задржи окупираните територии, а Украина да се откаже од дел од својата земја „без борба“.
Во исто време, Кремљ соопшти дека руската војска продолжува да напредува на исток и југ од Украина, освојувајќи нови области во Донецк и Запорожје.























