Жител на американската сојузна држава Вашингтон е хоспитализиран откако се заразил со сојот H5N5 на птичји грип, што според локалните здравствени власти е прв потврден случај на инфекција кај човек со овој сој.
Според Одделот за здравство на Вашингтон, заразената личност имала живина која била во контакт со диви птици, па се претпоставува дека инфекцијата потекнала од домашни или диви птици, додека истрагата е во тек. Ова е прв случај на заразување со птичји грип во САД од февруари годинава.
Заразениот е постара личност со претходни здравствени проблеми и сè уште е хоспитализиран.
Сојот H5N5 не се смета за поголема закана за луѓето од сојот H5N1, кој во 2024. и 2025. предизвика 70 случаи на зараза кај работници на фарми, најчесто со благи симптоми.
Американскиот Центар за контрола и превенција на болести (CDC) соопшти дека нема докази дека ризикот за јавноста се зголемил и дека го очекуваат примерокот од Вашингтон за дополнителни анализи.
Разликата помеѓу H5N5 и H5N1 се наоѓа во протеинската структура која влијае на ослободувањето на вирусот од заразените клетки и неговото ширење.























