Кинеското Министерство за одбрана денеска го предупреди Вашингтон да не го наоружува Тајван, оценувајќи дека секој таков потег ќе има висока цена за САД, пренесоа кинеските државни медиуми.
Портпаролот Џанг Сјаоганг го коментираше новиот Американски акт за национална одбрана, со кој Конгресот одобри една милијарда долари за воена соработка со Тајван, нарекувајќи го тоа „грубо мешање во внатрешните работи на Кина“.
Тој истакна дека ваквиот чекор го поткопува кинескиот суверенитет, безбедноста и глобалната стабилност, и потсети дека прашањето за Тајван е првата црвена линија во кинеско-американските односи која не смее да се премине.
Кина го повика Вашингтон целосно да го почитува принципот на „една Кина“ и да престане со испраќање „погрешни сигнали“ до тајванските сепаратисти, како и со секоја форма на воена соработка со островот.