
Украинскиот претседател Володимир Зеленски предупреди дека Русија подготвува нов голем напад врз Украина, повикувајќи се на разузнавачки информации добиени од украинските служби.
Во објава на Телеграм и во своето вечерно видео-обраќање, Зеленски изјави дека украинските институции веќе реагираат и се подготвени за можната ескалација.
„Нашите служби реагираат брзо и се подготвени. Воздухопловните сили и другите бранители на воздушниот простор ќе работат 24 часа дневно, како што тоа секогаш го прават“, порача Зеленски.
Од друга страна, Русија претходно најави дека ќе започне „систематски напади“ врз цели во Киев. Москва тврди дека тоа е одговор на нападот со дрон врз ученички дом во украинскиот регион Луганск, кој е под руска контрола, при што загинале 21 лице. Украина ги негираше обвинувањата дека стои зад нападот.
Во руските напади врз Киев и други делови на Украина изминатата недела загинаа две лица, а десетици беа повредени.















