
Германија повторно ја отвори дебатата за едно од најстарите правила во земјата – забраната за работа на продавниците во недела, која е на сила повеќе од еден век.
Додека германската економија се соочува со слаб раст, намалена потрошувачка и притисоци врз индустријата, трговците бараат олеснување на строгите правила со цел да се стимулира пазарот.
Неделниот одмор во Германија е уставно заштитен од 1919 година, а одлуките за исклучоците ги носат федералните покраини. Поради тоа, во најголем дел од земјата во недела работат само одредени објекти, како бензински пумпи, пекари и продавници на железнички станици и аеродроми.
Германската влада најавува ограничени промени од 2027 година, кои би им овозможиле одредени олеснувања на пекарите и библиотеките, но Германското трговско здружение (HDE) смета дека тоа не е доволно.
Од здружението посочуваат дека во време кога потрошувачката е намалена, треба да им се овозможи на трговците поголема слобода за работа доколку имаат интерес и работници кои доброволно сакаат да работат во недела.
Противниците на сегашните правила укажуваат на низа нелогичности. Како пример го наведуваат Берлин, каде што во некои продавници во недела може да се купи одреден вид свежа храна, но не и други основни производи.

















