
Соединетите Американски Држави во декември 2025 и јануари 2026 година извршија суштинска промена на својот одбранбен и безбедносен пристап, напуштајќи го моделот на постстуденовојна глобална хегемонија и преминувајќи кон стратегија заснована на принципот „Мир преку сила“. Новиот курс е формализиран во Стратегијата за национална безбедност за 2025 година и Стратегијата за национална одбрана за 2026 година, објавена од Пентагон.
Стратегијата за национална безбедност е клучен документ што ја дефинира надворешната и безбедносната политика на САД и ги утврдува главните закани, стратешки цели и средствата за нивна реализација. Во новата верзија, фокусот е изненадувачки насочен повеќе кон сојузниците отколку кон традиционалните геополитички ривали. Во документот Европа се споменува 49 пати, Кина 21 пат, а Русија 10 пати.
Надворешната политика на администрацијата на Трамп е дефинирана како „флексибилен реализам“, со јасен приоритет на Западната хемисфера и заштитата на американските интереси во сопствениот регион. Овој пристап претставува модернизирана верзија на Монровата доктрина, со нагласена улога на САД како доминантна сила во Америка.
Кина останува клучен долгорочен ривал, но претежно во економска и технолошка смисла, при што тонот кон Пекинг е значително поблаг во споредба со претходните стратегии. За разлика од тоа, за прв пат од крајот на Студената војна, се доведува во прашање натамошното проширување на НАТО, а Европа се предупредува на ризик од цивилизациски и политички пад доколку не ја промени актуелната безбедносна и економска политика.
Русија е опишана како „постојана, но контролирана закана“, со посебен акцент на нејзиниот најголем нуклеарен арсенал во светот и континуираната воена модернизација. Во документите на Пентагон се наведува дека војната во Украина покажала дека Москва, и покрај демографските и економските притисоци, располага со значителни воени и индустриски капацитети и способност за долготрајни борбени операции.
Новата стратегија јасно порачува дека Европа мора да ја преземе примарната одговорност за сопствената конвенционална одбрана. САД ќе ја намалуваат директната воена присутност и ќе ги охрабруваат членките на НАТО да ги зголемат трошоците за одбрана, со цел постепено префрлање на товарот од Вашингтон кон европските сојузници.
Во исто време, Пентагон нагласува дека европските држави, според економската моќ и бројот на население, значително ја надминуваат Русија, што претставува потенцијал за посилен одбранбен капацитет доколку ресурсите бидат ефикасно мобилизирани.
Западната хемисфера е поставена како врвен геостратешки приоритет. Гренланд е означен како клучна стратешка територија, а САД најавуваат активна заштита на пристапот до Панамскиот канал, Мексиканскиот Залив и виталните трговски и воени правци во регионот.
Стратегијата го напушта концептот на „глобален полицаец“ и се фокусира на потесно дефиниран национален интерес. Посебен акцент се става на развојот на ракетниот одбранбен систем „Златна купола“, масовна примена на вештачка интелигенција во војувањето, широка употреба на беспилотни летала и реструктуирање на американската армија кон помобилни и пофлексибилни борбени формации.



























