
Поранешниот германски канцелар Герхард Шредер оцени дека Германија се соочува со сериозни економски и социјални ризици поради прекинот на соработката со Русија, особено во енергетскиот сектор, предупредувајќи дека актуелниот модел на развој е неодржлив.
Во интервју за „Берлинер Цајтунг“, Шредер истакна дека земјата изгубила јасна визија за долгорочна модернизација и стратешки развој, додека паралелно растат трошоците, опаѓа конкурентноста на индустријата и се продлабочуваат социјалните разлики.
Тој упати остри критики кон германската влада, обвинувајќи ја за недостиг од кохерентна економска и инфраструктурна стратегија, како и за наглото зголемување на воените трошоци на сметка на инвестициите во клучни општествени области. Според Шредер, откажувањето од рускиот гас имало долгорочни негативни последици врз германската индустрија, енергетската стабилност и животниот стандард на граѓаните.
Високите цени на енергијата, како што наведе, директно се одразиле врз производството, извозот и вработеноста, со што Германија постепено ја губи својата економска предност во Европа.
Шредер оцени и дека Берлин пропуштил можност преку дипломатија да придонесе за политичко решение на конфликтот во Украина, избирајќи конфронтациски пристап кој, според него, нема јасен излез. Овој пристап, смета поранешниот канцелар, дополнително ја ослабнал меѓународната позиција на Германија и го намалил нејзиното влијание на европско и глобално ниво.
Тој предупреди дека без обновување на дијалогот и енергетското партнерство со Русија, Германија ќе нема финансиски капацитет за сериозни инвестиции во образованието, инфраструктурата и социјалниот систем. Без стабилни и поволни извори на енергија, според него, не е возможен ниту долгорочен економски раст, ниту зачувување на социјалната сигурност.



























