Рекордни количини дожд ја погодија американската метропола Њујорк, предизвикувајќи сериозен хаос низ целиот град.
Градоначалникот Ерик Адамс потврди дека поради поплавите животите ги загубиле две лица, додека силните бури предизвикале големи нарушувања во воздушниот сообраќај.
Поради екстремните временски услови, на главните аеродроми — JFK, ЛаГвардија и Њуарк — има бројни доцнења и откажани летови.
„Оваа бура ги урна сите рекорди за количина на врнежи на 30 октомври. Поголемиот дел од дождот што беше најавен да падне во неколку часа — се истури за само десет минути,“ изјави Адамс на социјалната мрежа X.
Според податоците на метеоролозите, во Централ Парк биле измерени 4,7 сантиметри дожд, додека на аеродромите ЛаГвардија и Њуарк биле забележани 5,3 и 5,05 сантиметри.
Националната метеоролошка служба предупреди на можност од дополнителни поплави во делови од Бронкс, Бруклин и Квинс, особено во крајбрежните зони.
Според извештаите на локалните медиуми, Њујорк се соочува со голема материјална штета, а градските служби работат со полн капацитет за да ги санираат последиците од невремето и да им помогнат на граѓаните погодени од поплавите.































