УТРО.мк

Интервју на Тони Тоневски за Булевар.мк: „Во недела избираме поинаков Пробиштип, избираме сигурна иднина“

Интервју на Тони Тоневски за Булевар.мк: „Во недела избираме поинаков Пробиштип, избираме сигурна иднина“
Vero

Булевар: Во финалето на изборите за градоначалник во Пробиштип, влегуваат двајца добро познати кандидати на локалното население. Зошто Вие сте подобриот кандидат?

За мене позицијата градоначалник на Општина Пробиштип е повеќе од функција – таа е заложба за мојот дом, моите најблиски и мојата иднина. Цел век живеам со проблемите, радостите и секојдневието на овој град. Мојот Пробиштип е мало место и една од предностите е што речиси сите се знаеме. Луѓето знаат кој што кажал, но уште повеќе, знаат кој што направил. Ние повозрасните сме го виделе Пробиштип и во својот цут, но и ги живееме не толку убавите денови.

Денес, кога гледам дека градот застанал, чувствувам обврска дека треба да го помогнеме. Уште повеќе ме радува тоа што граѓаните ми го потврдија истото низ улиците на Пробиштип. Изминатиов период бевме насекаде низ општината, низ градот, низ селата. Се сретнавме и разменивме совети со млади и пензионери, работници и претприемачи, земјоделци и занаетчии. Секој разговор ми докажа дека луѓето не бараат многу, туку само чесен пристап, доследност и некој што ќе го држи зборот. Таа доверба недостасуваше и тоа се принципите на кои стојам и повторно ќе ги изградам кај моите сограѓаните – работејќи секој ден, лице во лице со граѓаните.

Мојата програма не е список на ветувања. Таа е пишувана заедно со нашите сограѓани. Таа е заедничка визија како Пробиштип повторно да стане раздвижен град, град на работа и култура во кој има иднина. Сакам да го вратиме чувството на гордост кај граѓаните, да знаат дека нивниот труд вреди и дека нивниот град повторно има насока. Имам визија – Пробиштип повторно да биде град што се слуша, што се гледа и што се чувствува. Зад мене стои тим на луѓе што не ветуваат, туку работат, луѓе што ја сакаат оваа општина исто како јас. Нашата програма не е документ, туку заедничка приказна за тоа како животот тука може да биде подобар. Секој од тие 160 проекти е чекор кон поубав, похуман и поврзан град. Сакам секој човек да почувствува дека дел од оваа приказна е и неговата улица, неговото маало, неговото семејство. Тоа е вистинскиот Пробиштип – град што повторно живее.

Не доаѓам да ветувам невозможни работи, туку да ја вратам довербата во тоа дека локалната власт постои за граѓаните. Таа треба да работи во интерес на сите граѓани. Таа е на граѓаните. Јас не барам доверба само за себе, туку за еден нов почеток. Да покажеме дека Пробиштип може повторно да биде пример – град што работи, што расте и што верува во своите луѓе. Тоа е мојата цел и мојот личен завет кон сите вас.

Булевар: Велите дека во последните години довербата во институциите е опадната. Како би ја вратиле таа доверба или станува збор за предизборна флоскула?

Тоа не е празна фраза, тоа е реалност што граѓаните на Пробиштип ја чувствуваа изминитите неколку године. Луѓето изгубија доверба затоа што премногу пати беа изневерени. Довербата не се враќа со зборови, туку со дела што се гледаат и се чувствуваат. Ако ветиме дека ќе ја санираме јаловишната депонија – да ја санираме. Ако кажеме дека ќе го изградиме Домот за стари лица – да го изградиме. Ако најавиме дека ќе ги поддржиме младите – да им помогнеме да почнат свој бизнис. Така се враќа довербата.

Ќе воведеме редовни средби со граѓаните по месни заедници, каде што отворено ќе се разговара за секој проблем и предлог. Тоа сме го правеле претходно, го правевме за време на кампањата и ќе продолжиме да го правиме. Општината ќе биде отворена и транспарента. Со дигитализацијата на јавните услуги и пристапот кон одлуките од општината, значително ќе го доближиме работењето на локалната самоуправа до граѓаните – а со самото тоа и повратиме нивната почит. Така, чекор по чекор, ќе ја вратиме довербата дека локалната власт постои за граѓаните – не обратно. Така, надежта за Пробиштип ќе се врати. Така, Пробиштип ќе победи!

Булевар: Доколку граѓаните ви ја доверат довербата и по изборите ја преземете градоначалничката функција, што би било првото нешто што ќе го направите во првите денови од мандатот?

Во првите денови по изборите ќе се работи истовремено насекаде, и во градот и во селата. Нема да има „помалку важни“ места, затоа што секој агол на општината е еднакво значаен. Ќе започнеме паралелно со реализација на повеќе проекти – од најкрупните инфраструктурни зафати, па сè до ситни интервенции што им го олеснуваат животот на граѓаните. Пресреќен сум што зад мене имам тим кој, заедно со мене, добро ги познава работите, има ентузијазам за работа и многу полесно ќе ги започне првите активности уште на самиот почит.

Првенствено ќе отпочнеме и со подготовки на новиот ГУП, кој ќе овозможи отворање нови парцели за семејни куќи и нови индустриски зони насочени кон незагадувачка индустрија. Ќе започне реконструкцијата на поранешниот Интернат, кој ќе го пренамениме во Дом за стари лица, а во руралните средини ќе се почне со санација на локални патишта и подобрување на инфраструктурата – кои досега за жал беа заборавени. Паралелно, ќе се спроведат првите активности за дигитализација на општинските услуги, за граѓаните да можат брзо и едноставно да ги завршуваат своите обврски без чекање и шалтери.

Она што го ветувам е дека Пробиштип ќе почне да се менува од првиот ден. Со работа на терен, со присутност и со резултати, граѓаните ќе ја почувствуваат промената уште од првиот ден. Нема да има повеќе заборавени делови – секој граѓанин, без разлика дали живее во градот или во селата, ќе знае дека општината е тука за него. Ќе се почувствува нов дух, нова енергија и почеток на враќањето на довербата дека општината навистина работи за своите граѓани.

Булевар: Ситно се одбројуваат деновите до вториот круг. Што би сакале да им порачате на граѓаните на Пробиштип пред 2-ри ноември?

Сакам најпрво искрено да им се заблагодарам на сите граѓани нè удостоија со исполнување на своето избирачко право. Благодарам и на оние што ме поддржаа, и на оние што размислуваат различно. Сите ние живееме во истиот град, дишеме ист воздух, ги делиме истите грижи и надежи. На 2-ри ноември се одлучува каков ќе биде Пробиштип во следните четири години. Ќе продолжи ли оваа стагнација, или конечно ќе тргнеме напред со работа, со визија и со обединување околу она што нè прави горди Пробиштипјани.

Се одлучува дали ќе се изберат јасно структуирани проекти, наместо досегашните празни зборови. Се одлучува за развој наспрема стагнација, за видливи резултати наспроти лажни ветувања. Се одлучува за јасна соработка со Владата и граѓаните, наспрема неизвесност и недостапност.

Сакам моите сограѓани да знаат дека јас не доаѓам со празни ветувања. Се кандидирав затоа што имам искуство, енергија и искрена волја да ги исправиме овие состојби во кои е најден нашиот град. Програмата што ја подготвивме со тимот не е хартија со убави зборови и велелепни, неоставрливи проекти. Таа е комбинација на реални и остварливи проекти кои ќе значат конечно решавање на долгогодишните горки проблеми, нови работни места, уредени маала, нови индустриски зони, модерна инфраструктура, развој на Пониква и Лесново, но и повеќе можности за младите, пензионерите и сите кои сакаат да останат овде и да создаваат.

На 2 ноември гласаме за нашиот град. Нашиот Пробиштип заслужува повеќе. Да избереме работа наместо застој, сигурност наместо празни зборови, визија наместо апатија. Да го вратиме Пробиштип таму кај што доликува!

Булевар: Тоневски, кампањата се приближува кон својата завршница. Како ја оценувате досегашната изборна кампања?

Кампањата беше прекрасно искуство и уште поубава можност повторно да бидам меѓу моите сограѓани, овојпат како кандидат за градоначалник. Во изминативе недели се сретнав со стотици граѓани. Секој разговор беше искрен и полн со идеи, но и со доверба дека Пробиштип може повторно да се движи напред. Она што ме прави навистина среќен е што имав прилика лично да им ги претставам проектите што ги подготвивме заедно – со мојот тим и граѓаните. Секоја идеја во програмата има свое лице, свое семејство, своја приказна, и токму затоа верувам дека ќе ја реализираме со посебна одговорност.

Исто така, ми беше важно да покажам дека со Владата имаме одлична соработка и взаемна почит. Верувам дека оваа коректна, партнерска соработка ќе биде особено придвижување кон посакуваните резултати кои сите ги очекуваме за Пробиштип. Тоа веќе го демонстриравме низ неколку успешни иницијативи и контакти, и уверен сум дека така ќе биде и понатаму.

Dijamant Lotarija
Loto & Dzoker
Green Machines

Сподели го овој напис

Kalinka Lotarija
Dome Sladok Dome
Филигран