Британската агенција за морски трговски операции (UKMTO) предупреди на нагло зголемување на електронските пречки што влијаат врз комерцијалната пловидба во Персискиот Залив и Хормускиот теснец – еден од најважните поморски коридори за глобалната енергетска безбедност.
Според соопштението, евидентирани се повеќе случаи на нарушено функционирање на автоматскиот идентификациски систем (AIS), кој служи за означување на позицијата на бродовите. „Интензитетот на електронските пречки сериозно го отежнува известувањето за движењето на бродовите,“ се наведува од UKMTO, без притоа да се посочи конкретен извор на мешањата. Агенцијата ги повика сите пловни објекти на зголемена претпазливост во областа.
Ова предупредување се појавува паралелно со неодамнешните изјави од страна на Иран за можноста од затворање на стратешкиот Хормуски теснец. Иранскиот функционер Есмаил Косари изјави дека Техеран сериозно размислува за блокирање на теснецот како одговор на ескалацијата на тензиите со Израел.
Хормускиот теснец е клучна точка за светската нафтена индустрија – низ него секојдневно поминуваат околу 21 милион барели нафта, што претставува околу 20% од глобалната потрошувачка. Со ширина од само 33 километри, а пловни коридори од 3 километри во секоја насока, теснецот е исклучително ранлив на било какви прекини.
Затворањето на овој премин би можело да предизвика дестабилизација на глобалниот пазар на енергенси, енормен раст на цените на нафтата и геополитички потреси. И покрај честите закани, Иран досега не го реализирал ваквиот потег, делумно и поради присуството на американската Пета флота која ја гарантира слободата на поморскиот сообраќај во регионот.