Авион на „Луфтханза“, кој леташе од Франкфурт до Хајдерабад во Индија, вчера мораше принудно да се врати поради закана за поставена бомба, соопшти германската федерална полиција. Заканата била пријавена од одделот за корпоративна безбедност на авиокомпанијата, по што авионот LH752 се вратил и безбедно слетал на аеродромот во Франкфурт на Мајна околу 18:30 часот по локално време.
Портпаролот на полицијата објасни дека поради заканата за бомба, не било одобрено слетување во Индија, па авионот морал да ја промени рутата и да се врати додека летал над бугарскиот воздушен простор. Патниците биле приморани да ја поминат ноќта во транзитната зона на аеродромот.
„Луфтханза“ го потврди враќањето на летот, но не даде дополнителни информации за инцидентот.