Научници открија огромен резервоар на сладка вода под Атлантскиот Океан, што би можело да има глобални последици. Резервоарот, пронајден кај северо-западниот брег на САД, се протега од Масачусетс до Њу Џерси и можеби подалеку, и се смета за најголем од ваков тип откриен досега.
Истражувачите се обидуваат да ја утврдат староста и потеклото на водата – дали е од топење на глечери или од дождовите пред илјадници години – за да го проценат потенцијалот и обновливоста на овие водни резерви. Еден ваков подморски резервоар би можел да снабдува град со големина на Њујорк со вода стотици години, но експлоатацијата е скапа и ризична поради можноста за контаминација од морската вода.
Научниците предупредуваат дека, иако овие извори се перспективни, најважно е да се чува водата на копното додека се развиваат технологии за безбедно и одржливо користење на подморските резерви. Првите практични искористувања се очекуваат во следните десет години, а истражувањата ќе помогнат да се утврди колку широко се распространети сличните водни резерви во светот.