
57-годишна наставничка е тешко повредена откако била нападната со нож од 13-годишен ученик пред основно училиште во Трескоре Балнеарио, во близина на Бергамо.
Според информациите од карабинерите, ученикот од осмо одделение веднаш бил уапсен, а случајот се третира како изолиран инцидент без поврзаност со тероризам.
Повредената наставничка итно била пренесена со хеликоптер во болница во Бергамо, каде што била подложена на операција и се наоѓа во тешка состојба. Истражителите наведуваат дека таа била избодена во пределот на вратот и стомакот.
Во моментот на нападот, ученикот носел камуфлажни панталони и маица со натпис „вендета“, што значи одмазда. Кај него бил пронајден и празен пиштол во ранецот.
Италијанскиот министер за образование, Џузепе Валдитара, го осуди настанот како „шокантно сериозен“ и изрази поддршка за наставничката, нејзиното семејство и училиштето. Тој нагласи дека случајот укажува на потребата од итни мерки против малолетничкиот криминал и ширењето на нелегално оружје меѓу младите, како и засилување на психолошката поддршка во образовните институции.























