Најмалку 10 лица загинаа во силен руски воздушен напад врз западноукраинскиот град Тернопил, соопштија властите во Киев. Дополнително, 37 лица се повредени, вклучувајќи и десетина деца, објави министерот за внатрешни работи Игор Клименко на Телеграм.
Спасувачките екипи извлекле луѓе од урнатините на две деветкатници, но уште има лица затрупани под остатоците. Објавените фотографии покажуваат сериозна штета на зградите.
Во текот на ноќта беа извршени и масовни руски напади во источниот регион Харков, при што беа повредени повеќе од 30 лица.
Украинската противвоздушна одбрана регистрирала вкупно 442 напади со руски дронови и повеќе од 40 напади со крстосувачки ракети. Украина, со помош од Западот, веќе повеќе од три и пол години се бори да ја одбие целосната руска инвазија.






















