Долгогодишната сојузничка на американскиот претседател Доналд Трамп, Марџори Тејлор Грин, денес соопшти дека поднесува оставка од функцијата во Претставничкиот дом, по неодамнешниот судир со Трамп – потег што претседателот го оцени како „одлична вест за Америка“.
Грин во објава на социјалните мрежи наведе дека „лојалноста треба да биде двонасочна улица“, додавајќи дека Конгресот е „во голема мера маргинализиран“ под администрацијата на Трамп.
Таа со години важеше за еден од најтврдокорните сојузници на Трамп и движењето MAGA, но во последните недели зазеде позиции спротивни на Белата куќа. Тоа доведе Трамп да ја повлече својата поддршка. Како главна причина за раздор, Грин го наведе своето залагање за објавување на владините досиеја поврзани со осудениот сексуален престапник Џефри Епстајн.
Марџори Тејлор Грин стана и првата републиканска конгресменка што го нарече израелскиот напад врз Појасот Газа – геноцид. Минатата недела изјави дека се соочува со закани по животот поради критиките што Трамп ги упати кон неа на социјалните мрежи.
Нејзината оставка ќе ја намали републиканската предност во Претставничкиот дом на 218 пратеници наспроти 213 демократи.























