Јан Марсалек, поранешен директор на германската компанија Wirecard и еден од најбараните луѓе во Европа поради една од најголемите финансиски измами во историјата на ЕУ, по четири години бегство повторно е снимен – овојпат во Москва.
Марсалек бил забележан на улиците на руската престолнина со променет изглед, држејќи се за рака со својата партнерка. Тоа е негово прво појавување во јавност од 2020 година, кога избега од Германија по колапсот на Wirecard и дупка од 1,8 милијарди евра во сметководството.
Истрагата на порталот The Insider открива дека Марсалек води речиси „обичен живот“ – секојдневно патува на работа и се враќа од седиштето на руската Федерална служба за безбедност (ФСБ), а повремено патува и во Украина, каде наводно учествувал во борбени задачи со специјални единици.
Покрај тоа, тој бил поврзуван со руски приватни воени групи, шпионажа против критичарите на Кремљ и тајни набавки на борбени дронови. Запленети пораки откриле дека учествувал во планови за киднапирања и ликвидации на противници на Владимир Путин, меѓу кои и новинарите Христо Грозев и Роман Доброхотов.
Податоците покажуваат дека од 2023 година најмалку пет пати го посетил окупираниот Крим, а бил виден и во Донбас и Мариупол, заедно со руски специјалци. Во меѓувреме, научил руски јазик, а неговата наставничка и партнерка Татјана Спиридонова активно му асистирала во операциите.
Марсалек користи најмалку пет различни идентитети и често патува во Дубаи, каде, според истрагите, се занимава со перење пари и трговија со таканаречени „крвави дијаманти“. Против него се водат постапки во повеќе европски држави.
Поранешниот „технолошки генијалец“ денес е една од најтаинствените и најопасни фигури на европската сцена – бегалец, шпион и човек кој се движи меѓу светот на финансиските измами и сенките на геополитиката.