Кремљ со остра реакција по одлуката на Трамп: „Европа го избра патот на војна“
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, остро реагираше на најавите за нови испораки на оружје од страна на САД и европските земји за Украина, оценувајќи дека таквите потези не се во согласност со обидите за мирно решавање на конфликтот.
„Очигледно е дека овие акции не го промовираат мирот. Напротив, европските држави избраа насока која има за цел да ја продолжи воената ескалација со сите средства“, изјави Песков пред новинарите во Москва, алудирајќи на најновите одлуки на администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп.
Песков додаде дека има противречни информации за обемот на оружје што пристигнува во Украина, но истакна дека намерите на Западот не се во функција на деескалација.
Во однос на дипломатските иницијативи, портпаролот на Кремљ нагласи дека Русија сè уште чека конкретен предлог од Киев за нова рунда директни преговори. „Штом ги добиеме датумите, ќе ги објавиме“, изјави Песков, повикувајќи се на договорите за размена на заробеници според принципот „1.000 за 1.000“, како и за враќање на тешко болни и млади затвореници.
Тој најави и средба помеѓу претседателот Владимир Путин и шефот на Руската финансиска разузнавачка служба, Јуриј Чиханчин, кој ќе поднесе извештај за активностите на „Росфинмониторинг“.
Санкциите под лупа
Во однос на новиот пакет санкции на Европската Унија, најавен како „најстрог досега од 2022 година“, Песков изјави дека Кремљ внимателно ќе ја следи ситуацијата, особено во делот на енергетиката и финансиските трансакции.
„Нашиот став во врска со санкциите е одамна познат. Имаме искуство во нивна минимализација и ќе продолжиме да го користиме тоа знаење“, изјави Песков, додавајќи дека листата на ‘непријателски држави’ не е догматска и може да се ревидира ако се променат билатералните односи – но засега, промените изостануваат.
Тој исто така ја оцени високата вредност што Москва ѝ ја придава на иницијативите на Доналд Трамп за рестартирање на преговорите со Украина и потенцираше дека постои реален потенцијал за обнова на трговските и економските односи со САД, вклучувајќи можни заеднички проекти.
Коментар за трагедијата со поранешниот министер
На крајот, коментирајќи ја смртта на поранешниот руски министер за сообраќај Роман Старовојт, Песков изрази шок и сочувство, нагласувајќи дека истрагата е во тек, но дека Кремљ нема да шпекулира околу причините за трагедијата.