Германскиот канцелар Фридрих Мерц повика на темелна промена во технолошката политика на Германија и Европската Унија, со цел континентот да ја врати својата глобална конкурентност и независност од технолошките сили САД и Кина.
На претставувањето на владината „Високотехнолошка агенда“ во Берлин, Мерц порача дека Европа мора да престане да дозволува други да ја диктираат нејзината технолошка иднина.
„Не смееме да дозволиме САД и Кина сами да ја определуваат технолошката иднина – тоа е прашање на нашата благосостојба, безбедност и слобода“, изјави Мерц, додавајќи дека ЕУ во последните години станала премногу самодоволна и мора да го врати својот иновативен дух.
Тој предупреди дека едностраните зависности во технологијата се претвораат во политички инструмент во глобалната борба за влијание. Затоа, според него, Германија и Унијата мора да станат технолошки суверени и да инвестираат во клучните сектори на иднината.
Мерц најави дека германската влада ќе го зголеми буџетот за истражување и развој на најмалку 3,5 отсто од БДП до 2030 година, со фокус на шест области: вештачка интелигенција, квантна технологија, микроелектроника, биотехнологија, енергија без емисии и климатски неутрална мобилност.
„Ако сакаме да бидеме водечка технолошка нација, мора да воспоставиме вистинска соработка меѓу индустријата и науката“, нагласи Мерц, додавајќи дека новата „Високотехнолошка агенда“ треба да стане темел на европската технолошка автономија.































