Со емотивни пораки и симболични 16 лампиони пуштени во Дунав, илјадници граѓани, студенти и семејства се собраа вечерва во Нови Сад на голем комеморативен собир во чест на 16-те жртви кои загинаа при уривањето на настрешницата на железничката станица пред една година.
На крајот од собирот, студентите спуштија транспарент на Петроварадинската тврдина со порака: „Се гледаме утре и секој ден, додека нема правда“, која веднаш стана симбол на граѓанскиот отпор и се споделуваше масовно на социјалните мрежи.
Собирот, кој помина мирно, започна утрово кога групи граѓани од 16 различни локации пеш се упатија кон железничката станица. На местото на трагедијата беа одржани 16 минути молк, по што следуваа обраќања на јавни личности и роднини на загинатите.
Особено потресен момент беше говорот на мајката на Стеван Хрка, еден од младите кои загинаа во несреќата. Таа најави дека од утре ќе започне штрајк со глад во Белград, во близина на таканаречениот „Чациленд“, сè додека – како што рече – „не дојде вистинската правда“.
На настанот присуствуваа и голем број граѓани од цела Србија – дел од нив пристигнаа пеш од Нови Пазар, Белград и Шумадија. Поддршка за собирот пристигна и од странство: српската дијаспора одржа комеморативни собири во повеќе европски градови, а студенти од Загреб организираа собир пред Амбасадата на Србија.
Во Србија денеска е прогласен Ден на жалост во чест на жртвите од трагедијата.































