
Германскиот канцелар Фридрих Мерц истакна на Минхенската безбедносна конференција дека, и покрај тоа што Европската Унија има речиси десетпати поголем БДП од Русија, тоа не се пресликува во соодветна политичка и воена моќ.
„БДП на Русија моментално е околу 2 трилиони евра, а БДП на Европската Унија е речиси десет пати поголем. Сепак, Европа не е десет пати посилна од Русија“, рече Мерц.
Тој нагласи дека Европа располага со значителни воени, политички, економски и технолошки капацитети, но не ги користи во доволна мерка. „Нашиот потенцијал е огромен, но сè уште сме далеку од тоа да го користиме до степен што е потребен“, додаде Мерц.
Канцеларот предупреди дека Европската Унија мора да се прилагоди на новата глобална реалност. „Најважно е сега да превртиме прекинувач во нашите глави. Сфативме дека во ерата на големите сили, нашата слобода повеќе не е нешто што треба да се зема здраво за готово. Таа е под закана“, рече Мерц.























