
Италија одби да се приклучи на европската мисија во Гренланд, откако министерот за одбрана Гвидо Кросето ја исмеа иницијативата што требаше да ја покаже европската солидарност со Данска, објави италијанската агенција Анса.
– Гренланд? Се прашувам зошто. Патување? Петнаесет Французи и петнаесет Германци – звучи како почеток на шега – изјави Кросето во Рим, коментар кој брзо одекна во европските медиуми.
Со тоа, министерот јасно стави до знаење дека Италија нема да учествува во ваква мисија и повика НАТО да ги координира ставовите на земјите-членки, со цел да се избегнат фрагментирани и симболични потези без реален ефект.
Слична позиција изрази и италијанската премиерка Џорџа Мелони, која повика НАТО да развие „координирано присуство“ во арктичкиот регион, со цел да се спречат тензии и да се одговори на „мешањето од други актери“, пренесе Ројтерс.
Во писмо прочитано за време на презентацијата на владиниот документ за Арктикот, Мелони нагласи дека регионот станува сè поважен поради отворањето на нови поморски рути и поради богатите енергетски и минерални ресурси.
– Италија е земја набљудувач во Арктичкиот совет и отсекогаш го почитувала меѓународното право, почнувајќи од Конвенцијата на Обединетите нации за правото на морето – истакна Мелони.
Во документот се укажува и на засиленото руско воено присуство на Арктикот, како и на зголемениот фокус на регионот поради безбедносните предизвици. Овој поасертивен пристап, во комбинација со случувањата во Украина, според италијанската влада, ги натерал НАТО и Европската Унија да реагираат.
Во меѓувреме, неколку европски земји, меѓу кои Франција и Германија, испратија симболичен број војници во Гренланд како поддршка за Данска, која островот го смета за своја автономна територија.



























