УТРО.мк

Холандија станува првата членка на НАТО што ќе финансира американско оружје за Украина

Холандија станува првата членка на НАТО што ќе финансира американско оружје за Украина
Vero

Холандија ќе издвои 500 милиони евра за набавка на американско оружје наменето за Украина, со што станува првата земја-членка на НАТО што целосно ќе финансира пакет во рамки на новата иницијатива за забрзување на испораките од американските воени резерви, соопшти холандското Министерство за одбрана.

Купувањето ќе се реализира преку новиот механизам „Попис на приоритетни барања на Украина“ (PURL), кој минатиот месец беше претставен од американскиот претседател Доналд Трамп и генералниот секретар на НАТО, Марк Руте.

Програмата предвидува земјите-сојузнички директно да му плаќаат на Вашингтон за одбранбени системи и муниција од американските залихи, кои потоа се испраќаат во Украина, земја што од февруари 2022 година се спротивставува на руската инвазија.

– Холандија сега го презема водството во снабдувањето со воена опрема од американските резерви – изјави холандскиот министер за одбрана Рубен Бреекелманс на социјалната мрежа X.

– Со решителна поддршка за Украина, вршиме дополнителен притисок врз Русија да седне на преговарачка маса – додаде тој.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски му се заблагодари на новиот холандски премиер Дик Схоф во телефонски разговор одржан во понеделникот вечерта. Схоф подвлече дека испорачаното оружје е неопходно, особено имајќи ги предвид секојдневните руски напади со беспилотни летала и ракети.

Пакетот што Холандија го финансира ќе вклучува делови за американските ракети „Патриот“ и друга опрема адаптирана за украинските потреби на првата борбена линија, соопштува Министерството за одбрана на Холандија.

Бреекелманс ги нарече руските воздушни напади „чист тероризам“ и предупреди дека секое напредување на руските сили во Украина претставува потенцијална закана за поширокиот европски безбедносен поредок.

– Колку повеќе Русија добива на теренот во Украина, толку е поголем ризикот за Холандија и за нашите НАТО-сојузници – истакна тој.

Вашингтон веќе обезбедува воена помош за Украина во транши од по 500 милиони долари преку PURL-механизмот. Иако и други сојузнички држави најавија дека ќе се приклучат кон иницијативата, Холандија е првата што веќе ги префрлила средствата до САД.

Покрај ова, Холандија претходно вети и тенкови, дронови, муниција, обука на украински војници, како и испорака на борбени авиони F-16.

Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, го поздрави потегот на Хаг, нарекувајќи го „клучен прв чекор“ во рамки на новиот безбедносен план.

– Одлично е што Холандија го презема водството и го финансира првиот пакет на американска воена опрема за Украина. Им благодарам на сојузниците што обезбедуваат опрема која ѝ е итно потребна на Украина за одбрана од руската агресија – порача Руте преку платформата X, пренесува AFP.

Green Machines

Сподели го овој напис

Филигран