Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска соопшти дека имал „продуктивен“ разговор со неговиот американски колега Доналд Трамп, фокусирајќи се на завршувањето на војната, зајакнување на санкциите против Русија и финализирање на билатералниот договор за производство на беспилотни летала.
Разговорот доаѓа во момент кога Трамп во последните недели сè поотворено ја изразува својата фрустрација со рускиот претседател Владимир Путин. Тој поставил рок до 8 август за постигнување примирје, во спротивно се закани со нови, построги санкции против Москва.
„Претседателот Трамп е целосно информиран за руските напади врз Киев и други градови и населени места“, напиша Зеленски на социјалната мрежа X, алудирајќи на засилените руски напади со ракети и дронови во последните денови.
Зеленски додаде дека Украина е подготвена да склучи договор со САД за заедничко производство на украински дронови – потег кој го оцени како „еден од најсилните договори“ во одбранбената соработка меѓу двете земји.
Украина во последно време сè повеќе се насочува кон странски инвестиции и партнерства со цел да ја засили својата домашна одбранбена индустрија, наведува агенцијата Reuters.