Еден од најсилните земјотреси во последните децении со јачина од 8.8 степени според Рихтер ја погоди Камчатка, рускиот далечен исток, предизвикувајќи огромни бранови цунами кои удрија на бреговите на Русија, Јапонија, Хаваите и Чиле. Земјотресот е еден од десетте најсилни забележани во историјата, со епицентар на длабочина од околу 20 километри, 125 километри од градот Петропавловск-Камчатски.
Во Русија, локалните власти прогласија вонредна состојба на Курилските Острови, каде цунамито предизвика поплави и оштетувања на згради. Забележани се прекини во струја и мобилна мрежа, а неколку луѓе побарале лекарска помош. Руската академија на науки потврди дека ова е најсилниот земјотрес во регијата од 1952 година.
Во Јапонија, повеќе од 1,9 милиони луѓе се повикани на евакуација. Јапонската метеоролошка агенција предупреди на бранови високи до три метри, а властите повикаа на итно повлекување на повисоки терени. Особено внимание се обрнува на регионот Фукушима, поради ризикот од евентуално нарушување на нуклеарните постројки, слично како во катастрофата во 2011 година. Засега, не се пријавени проблеми во нуклеарката, но мерките за претпазливост се на високо ниво.
На Хаваите, забележани се бранови од над два метра. Гувернерот Џош Грин предупреди дека опасноста сè уште не е помината и ги повика жителите да останат во своите домови и да избегнуваат обалски подрачја. Дел од населението е веќе евакуирано во повисоките делови на островите, додека се прекинати летовите и затворени комерцијалните пристаништа.
Во САД и Јужна Америка, активирани се системи за предупредување за цунами. Тихоокеанскиот центар за предупредување соопшти дека опасноста може да трае со часови и ги повика властите и граѓаните на максимална претпазливост.
Според Американскиот геолошки институт (USGS), овој земјотрес го дели шестото место на листата на најсилни земјотреси во светската историја, на исто ниво со разорниот земјотрес во Чиле во 2010 година и оној во Еквадор во 1906 година. Се смета дека оваа природна катастрофа ќе има долгорочни последици и може да доведе до сериозни нарушувања во целиот Тихоокеански регион.